Двата најсериозни вида на нарушување во исхраната се анорексија и булимија нервоза.
Иако станува збор за две различни нарушувања, опседнатоста со телесната тежина и изгледот е заедничка. Лицата заболени од нив се всушност перфекционисти, често интелектуалци со високи критериуми и мотивација за успех.
Булимија е болест кај лица кои неконтролирано внесуваат храна или имаат редовни епизоди на прејадување. Лицето потоа користи различни методи – како што се повраќање или злоупотреба на лаксативи – за да се исфрли храната и спречи зголемувањето на телесната тежина.
Менталната анорексија е синдром што се карактеризира со екстремно губење на телесна тежина, аменореја, нарушување на телесната шема, интензивен страв да се стане дебел, во отсуство на какви било медицински, органски причини за слабеењето. Иако најверојатно има невробиолошка база, анорексијата моментално спаѓа во групата психогени болести. Се смета дека една до две на 100 девојки се подложни на ова растројство. Најстрашното е што 8 до 10 отсто од болните девојки умираат од компликации сврзани за болеста, а дури два отсто од нив се самоубиваат. Значи, анорексијата не е болест на “модата”, туку сериозна состојба на духот и на телото.
Нарушувањата во исхраната може ефикасно да се лекуваат. Навремената интервенција ги подобрува резултатите во лекувањето на сите нарушувања во исхраната. Лекувањето може да трае со месеци или години, меѓутоа сепак најголем број од луѓето заздравуваат.
Откако ќе се дијагностицира нарушувањето во исхраната, во лекувањето може да бидат вклучени повеќе здравствени лица (психијатри, психолози, доктори, диететичари, социјални работници, ерготерапевти и медицински сестри).