Астмата е заболување на белите дробови кое може да биде опасно по живот. Астмата е хронична, долготрајна болест, која трае до крајот на животот. Астмата не е проблем со вдишувањето, туку со издишувањето.
Во текот на нападот на астма, стегањето на мускулите и бронхијалните ткива кои отекуваат ги стиснуваат ситните дишни патишта во белите дробови, кои потоа се затнуваат со прекумерна слуз. Застојаниот воздух останува заробен на дното на белите дробови, со што болниот е принуден да го употреби горниот дел од белите дробови за со голема мака да го вдиши воздухот.
Астматичниот напад почнува нагло, најчесто ноќе 2-3 часа по легнувањето, со силна издишна брадипнеа: околу 10 дишења на минута со кратко вдишување, продолжено, мачно, изморливо и свирливо издишување.
Видови на астма: Алергиска астма- Домашниот прав и постелнина, влакна, пердуви и епителни отпадоци од животни, полен од дрвја, треви и коров,мувла.
Неалергиска астма -Чад од цигари, средства за чистење во домаќинството, парфеми и мириси, внатрешни и надворешни загадувачи на воздухот.
Професионална астма -Фактори кои го забрзуваат развојот на астмата. Тука спаѓаат изложеност на пареи, хемикалии, смоли, прав, инсектициди, чад и останати супстанци на работното место.
Астма предизвикана од телесна активност-Вежби кои вклучуваат вдишување на ладен и сув воздух (трчање во зима) можат да доведат до астма предизвикана од телесна активност.
Астма предизвикана од аспирин (или додатоци во исхраната) -Значителен број на луѓе е чувствителен на нестероидни противвоспалителни лекови, конзерванси и останати додатоци во исхраната.
Симптоми: Упорна сува кашлица, особено во текот на ноќта и во раните утрински часови, чувството на притисок и стегање во градите со недостаток на воздух (особено при напорни активности), чудно свирење во градите при дишење.
Фактори на ризик: Генетска предиспозиција, изложување на алергени-причинителот најчесто спаѓа во групата на инхалаторски алергени-домашна прашина, полен од растенија и дрва,животински влакна, перја, мувла, додека астмата кај доенче и мало дете почесто ја предизвикуваат нутритивни алергени, од кои најважни се јајца, риба, млеко, ореви, јагоди, соја, вирусни и бактериски инфекции, несоодветен начин на исхрана-зголемено внесување на индустриски обработена храна,сол и полузаситени масни киселини, чад од цигари, влага во домот.
Превенција: Да се одбегнуваат алергени, спречување развој на респираторни инфекции, заштита од неповолни еколошки и климатски влијанија, во исхраната редукција на месо, зголемено внесување на млечни производи, задолжително зеленчук.
Лекување: Терапијата не е иста за сите болни, се менува и кај едно лице, а се зависи од тежината на симптомите. Астмата успешно се лекува само ако се прифати долгорочен пристап, значи дека неопходно е да се најде најидеална терапија што ќе го спречи влошувањето на симптомите и натамошното напредување на болеста. Меѓу лековите со кои се третира астмата се инхалаторите, како и оние за орална примена: кортикостероиди, бета 2-агонисти со продолжено дејство, во терапијата мора да се вклучи и некој лек за брзо ублажување на акутните напади.