Карциномот на бели дробови опфаќа 12-16% од вкупниот процент на малигни заболувања.
Карцином на бели дробови настанува кога клетките на здравото белодробно ткиво започнуваат неконтролирано да се размножуваат, претрпуваат структурни промени, при што формираат туморска формација во белите дробови. Оваа туморска маса, расте во својата непосредна околина, а потоа може да се прошири и да ги оштети соседните ткива или подалечните органи (метастази во мозок, коски, црн дроб).
Причини:
Пушењето цигари е еден од најважните и докажан ризик фактор за појава на карцином на бели дробови. Дополнителни причини кои го зголемуваат ризикот се загадувањето на воздухот, претходна белодробна болест, како и член од семејството заболен од канцер на бели дробови.
Симптоми:
Сезонско кашлање и континуирано исфрлање слуз кај пушачи со хроничен бронхитис, искашлување крв, отежнато дишење, бодеж во градите кој се шири посебно позади во лопатките или рамената.
Болеста може да не манифестира симптоми сe до напредните стадиуми. Тивкиот прогрес е она што го прави карциномот на бели дробови толку опасен. Во раните стадиуми на канцер, пред да се почувствуваат спомнатите симптоми, се појавуваат само симптоми како губење на апетитот, слабост, губиток во тежина и потење.
Лекување:
Откако е поставена дијагнозата, најважно е да се утврди колку е проширен карциномот и во кој стадиум е. Општо познат метод на лекување во првите два стадиуми е операција, а во подоцнежните стадиуми се применува радиотерапија и хемотерапија.