Деменцијата претставува хроничен органски психо-синдром кој се карактеризира со пропаѓање на интелектуалните функции како способноста за запомнување, расудување, решавање на проблеми, апстрактно мислење, просторна и визуелна проценка, како и вербалните способности. Постојат повеќе причини за појава на деменција, во прв ред Алцхајмеровата болест.
Денес во светот 1 од 6 луѓе постари од 65 години и скоро секое второ лице постаро од 85 години, боледуваат од Алцхајмерова болест.Со оглед на тоа дека светската популација старее, современата медицина ја опишува Алцхајмеровата болест како чума на 21виот век.
Причината е во голема мера непозната, но постојат лекови и мерки кои можат да ги ублажат проблемите на пациентите.
Симптоми
Во типични случаи на Алцхајмерова болест започнува со нарушувања на меморијата, тешкотии при наоѓање на зборови или промени во расположението, постојано заборавање на неодамнешни настани, состаноци, имиња и лица, како и тешкотии да се разбере што е кажано. Стануваат збунети во справувањето со пари, возењето автомобил или со користење на домашните апарати. Се случуваат промени во личноста, престануваат да се грижат за луѓето во непосредна околина, стануваат пораздразливи или порамнодушни. Можат да се појават проблеми со плачењето, стануваат сомнителни, мислејќи дека некој ги краде или сака да им наштети. Mоже да станат вознемирени, стануваат во текот на ноќта, се подготвуваат да одат некаде, талкаат надвор може и да се изгубат или постојано да шетаат во иста област. Постепено губат нормални инхибиции се соблекуваат пред други луѓе, се однесуваат агресивно или покажуваат други промени во однесувањето. Во завршната фаза на деменција пациентите се приковани за кревет, ја губат нормалната комуникација, немаат контролата врз мокрењето и столицата.
Испитувањето на пациенти со деменција се состои од невролошки и психијатриски преглед невропсихолошки тестови соодветни лабораториски испитувања на крвта, скенирање на мозокот и други анализи според претпоставениот тип на деменција.
ЛЕКУВАЊЕ
Не постои лек за Алцхајмерова болест и третманот се потпира на олеснување на симптомите и забавувањето на прогресијата на болеста.