Бруцелозата е заразна болест што се шири од животните на луѓето, најчесто преку непастеризирано млеко, сирење и други млечни прозводи (многу ретко преку воздух или преку директен контакт со заразено животно).
Симптоми: Треска, потење, слабост, замор, болки во зглобови, мускули и грб, главоболка.
Симптомите на бруцелозата можат да се појават по неколку дена до неколку месеци откако лицето ќе биде инфицирано.
Симптомите на бруцелозата можат да исчезнат за неколку недели, а потоа повторно да се вратат.
Причини: Бруцелозата може да зарази многу диви и домашни животни. Говедата, козите, овците, свињите, кучињата, камилите, дивите свињи и елените се особено склони кон оваа болест.
Ризик фактори: Луѓето кои работат со животни или доаѓаат во контакт со заразена крв од животни, имаат поголем ризик од бруцелоза како на пример:
Ветеринари, сточари, фармери, работници во кланица, ловци, микробиолози.
Лекарите обично ја потврдуваат дијагнозата на бруцелоза преку тестирање на примерок од крв или коскена срцевина или со тестирање на крвта за антитела на оваа бактерија.
Превенција: Да се избегнуваат непастеризирани млечни производи, да не се консумира недопечено месо, односно да биде добро испечено и приготвено, луѓето што се занимаваат со ризични професии, треба да носат заштитни ракавици, да се вакцинираат домашните животни.