Вртоглавица (кога пациентот чувствува дека просторот (во кој се наоѓа) ротаторно се движи околу него или пациентот може да има чувство на занесување и губење на рамнотежата на само една страна – линеарно) е термин кој најчесто се користи да се опишат неколку различни субјективни состојби врзани со пореметената рамнотежа кај пациентот. Вртоглавицата може да биде од централно и периферно потекло. Централна – во смисла на оштетување на различни мозочни структури или периферна – во смисла на оштетување на структурите во внатрешното уво. Кај периферните оштетувања, покрај вртоглавицата присутни се и други симптоми како мачнина, повраќање, нистагмус (несакани движења на очното јаболко), потење, губење на слухот.
Лекарите разликуваат два вида вртоглавици, објективни (вистински вртоглавици- се јавува силно и непријатно чувство кога просторијата се врти околу вас) и субјективни (вртоглавици –кога имате чувство дека се нишате или вртите, и се чуствувате нестабилно).
Причина за субјективните вртоглавици најчесто е лавиринтот на внатрешното уво.
Дијагнозата се поставува врз база на добро земената анамнеза (историја на болеста) од пациентот и добар детален преглед. Неоходно е да се направи лабораториско испитување – електолитен статус, потоа да се исклучи постоење на анемија, липиден статус, хормонален статус (пролактин), ако има потреба се прават и понатамошни испитувања, во консултација со лекар.
Лечењето е различно, поточно зависи од причината. Во случај на јаки вртоглавици кои се пратени со мачнина и повраќање потребно е надоместување на загубените течности -низ уста или во инфузија, лекови против мачнина и за смирување на симптомите. Доколку станува збор за циркулаторни пореметувања се користи терапија за циркулаторно подобрување на мозокот и внатрешното уво. Физикална терапија е потребна кај пациенти со пореметувања на вратната кичма. Постојат вежби кои може да ги правите сами дома: гледајте рамно пред себе и завземете ги следниве положби (триесет секунди во секоја положба) – седејќи, лежејќи на спротивната страна и на крајот пак седејќи. Секоја серија треба да се повтори петпати дневно и вртоглавиците постепено ќе исчезнат.