Инфлуенца или попознато како “грип” е многу заразна вирусна инфекција на респираторниот тракт. Ги опфаќа сите возрасни групи, иако кај децата постои поголема тенденција да се развие отколку кај возрасните. Сезоната на грип трае од октомври до мај, но најкризен период е од крајот на декември до почетокот на март.
Грипот се шири директно од човек на човек, преку ситните капки кои ги исфрла заразениот човек при кашлање и кивање, или индиректно преку контакт со респираторни течности од заболен човек.
Периодот на инкубација е од 1 до 5 дена.
Симптоми:
Температура, треска, главоболка, болки во мускулите, вртоглавица, послаб апетит, замор, кашлица, воспалено грло, течење на носот, гадење или повраќање,малаксалост,дијареа.
Сите симптоми, најчесто, повлекуваат по една до две недели.
Лекување:
Лекувањето на грипот, исто како и на настинките е симптоматско, односно се лекуваат симптомите, а не самата болест. Се спроведува хигиено-диететски режим (мирување, земање на повеќе течности – топли напитоци, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака на доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови. Познато е дека некои од вирусите на грип развиваат резистенција на одредени антивирални лекови, ограничувајќи ја на тој начин ефикасноста на лекувањето.
Антибиотска терапија се дава само во случај на секундарни бактериски инфекции кои го влошуваат текот и исходот на болеста, односно за лекување на компликациите од грипот, исклучиво по налог на доктор.
Како да се спречи ширењето на грипот?
Миење на рацете со сапун, особено, по употреба на тоалет, по кашлање или кивање и пред јадење или приготвување на храна, секој да користи своја чаша и прибор за јадење, да се изолираат личностите кои имаат грип, да се покрие устата и носот со шамивче кога се кашла или кива, а потоа се фрла шамивчето и се мијат рацете.