Ишијасот е болка која зрачи низ ишијадичниот нерв (n.ischiadicus), голем нерв чии корени почнуваат во долниот дел на грбот и продолжуваат кон задните делови на нозете. Ишијасот најчесто е предизвикан од воспаленија кое се јавуваат како резултат на компресија на еден од нервните корени и обично болката поминува по неколку недели.
Главен симптом е остра, жаречка болка пропратена со чувство на трнење, слабост, вкочанетост и здрвување. Во најголем дел од случаите се јавува еднострано, односно од половината се спушта по должината на едната нога.
Одредени положби на телото може да влијаат врз интензитетот на болката, па така болката најчесто се зголемува при исправена положба, одење, клекнување или свиткување во половината, додека во лежечка положба, болката делумно се намалува или целосно исчезнува.
Конзервативниот третман има за цел да ја намали болката. Во акутна фаза најважно е да се одморите, а некои лесни движење од типот на стоење и кратки прошетки би можеле да помогнат, сè до оној момент додека не почувствувате болка. Ставање облоги во пределот на `рбетот може да ја ублажи болката. Важен дел во третманот е и физикалната терапија. Кај голем дел од случаите, ваквиот пристап ја подобрува состојбата за неколку недели.
Доколку конзервативниот третман не дава резултати, друга опција за третман е операција.