Едно од почестите заболувања во нашето секојдневие е заболувањето на крајниците. Поради тоа честопати и тема на објаснување е дали треба и кога треба да се оперираат, т.е како и на кој начин да се лекуваат воспаленијата на крајниците.
Крајници обично се сместени во усната празнина на задниот дел од грлото.
Тие се лимфното ткиво, кое се наоѓа во назофаринксот и усната шуплина.
Основната функција на тонзилите е да го бранат домаќинот од навлегување на бактерии преку дишење или храна. Треба да се знае дека освен корисен тие може да имаат и штетен ефект, особено кај деца.
До воспаление ќе дојде кога заштитниот механизам на грлото и крајниците не се во состојба да ги совладаат силно вирулентните микроорганизми. Секако дека падот на одбранбената сила на организмот поради неповолните надворешни услови: студ, влага, замор, неисхранетост, стрес и др. можат да допринесат за полесно заболување на крајниците.
Воспалението на крајниците најчесто е пратено со: отекување на жлездите на вратот, покачена телесна температура, болки во грлото, отежнато голтање, општа телесна слабост, болки во ушите, непријатен мирис од устата и др.
Лекување на болни крајници првично се врши со антибиотици, но кога тоа не успева и кога се повторува многу често, одлуката за операција ја носи оториноларингологот во консултација со родителите и врз основа на медицинска историја, клиничките наоди и претходната медицинска евиденција.