Дарување крв или крводарителство е чин на некое лице кога доброволно дарува крв, којашто се користи за трансфузија или за производство на лекови.
Во развиениот свет најголем дел од крводарителите се неплатени доброволци кои што даруваат крв за потребите на заедницата.
Дарувањето крв е релативно безбедно, но кај некои крводарители може да се појави модринка на местото каде што била ставена иглата, или да почувствуваат губење на свеста.
Кaј потенцијалните крводарители се прават проценки за сè што може да ја направи крвта небезбедна за употреба. Испитувањето вклучува тестови за болести што се пренесуваат преку трансфузија на крв, вклучувајќи ХИВ и вирусен хепатит. Исто така, се испитува и медицинската историја на крводарителот, а се прави и краток физички тест за да се утврди дека дарувањето крв не е опасно по неговото здравје.
Количеството крв коешто може да се донира, како и методите на донирање, се разликуваат. Земањето крв може да се изведува рачно или со автоматизирана опрема, со којашто се земаат само посебни делови од крвта. Многу од компонентите на крвта којашто се употребува за трансфузија имаат краток рок на употреба, и оддржувањето на постојани залихи е постојан проблем.