Мозочниот удар е една од најчестите причини за смрт во светот. Оваа состојба е резултат на прскање или блокирање на крвен сад во мозокот, и ако не се лекуваат, клетките во мозокот умираат.
Симптоми на мозочен удар:
– Ненадејна отапеност на телото или слабост на лицето, рацете или нозете (особено само едната страна од телото)
– Збунетост
– Потешкотии со говорот или со разбирање на говорот на другите
– Ненадејни проблеми со видот на едното или двете очи
– Ненадејна вртоглавица, загуба на рамнотежата или координацијата
– Нагла силна главоболка
Ризик фактори
Многу болести, состојби, околности, животни навики и однесувања се поврзани со зголемена честота на појава на мозочен удар. Возрасното доба е најзначаен ризик фактор за појава на мозочен удар на кој неможе да се влијае. Со процесот на стареење расте честотата од појава на мозочен удар. Најпознати ризик фактори на кои може да се делува , а се поврзани со начинот на живеење се: пушење, прекумерна конзумација на алкохол, нездрава исхрана, стрес, телесна неактивност и дебелење. Исто така и некои заболувања претставуваат ризик фактори на кои може да се влијае: покачен крвен притисок, шеќерна болест, срцеви заболувања, зголемено ниво на маснотии во крвта, значително стеснување на каротидните артерии. Преку откривање, отстранување или модифицирање на ризик факторите, можно е во голема мерка да се намали честотата на појава на мозочен удар.
Лекување
Мозочниот удар е итна медицинска состојба и бара итен превоз и згружување на болниот во соодветна зрдавствена установа.
Се употребува специфична терапија за исхемиски мозочен удар (во рок од три часа од појавата) со уоптреба на лекови кои можат да го “растопат“ згрутчувањето кое го блокирало крвниот сад.
По завршеното акутно лекување на мозочниот удар, болните со прележан мозочен удар треба да започнат со програма за рехабилитација.
За да се намали ризикот од појава на мозочен удар потребно е да се прекинат нездравите прехрамбени навики: конзумирање на храна која изобилува со заситени масни киселини и концентрирани шеќери, пресолена храна, храна богата со холестерол итн., да се престане со пушење . Алкохолните пијалоци треба да се конзумираат во умерени количини. Прекумерната телесна тежина и телесната неактивност се докажани фактори за појава на мозочен удар.