Светскиот ден на бубрегот се одбележува секој втор четврток во месец март и негова мисија е да се зголеми свеста за значењето на бубрезите за нашето здравје и да се намали зачестеноста и последиците од болестите на бубрезите и поврзаните здравствени проблеми на светско ниво.
Бубрежните болести се незаразни болести кои во моментов погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот. Еден од десет возрасни има некоја форма на хронично заболување на бубрезите.
Доколку ова заболување не се контролира и пациентот страда од компликации и коморбидитети како кардиоваскуларни заболувања, хроничното заболување на бубрезите прогредира до краен стадиум каде животот на пациентот се одржува со дијализа или трансплатација на бубрег.
Хроничната бубрежна болест е тивок убиец…. Во раните стадиуми бубрежната болест нема никави знаци и симптоми. Човекот може да изгуби и до 90% од функцијата на бубрезите без да почувствува некаков симптом. Но, бубрежната болест може да се открие со едноставни тестови – тест на урината (проверка на протеини во урина) или тест на крвта (проверка на нивото на креатинин).
Постојат 8 златни правила за подобра бубрежна превенција:
1.Оддржувајте ја кондицијата и активноста
2.Правете редовни контроли на нивото на шеќерот во крвта
3.Контролирајте го крвниот притисок
4.Внесувајте здрава храна и одржувајте ја телесната тежина, при што редуцирајте го внесот на сол на 5 грама во еден ден ( околу едно кафено лажиче) .
5.Одржувајте здрав внес на течности- секојдневно пиење од 1,5 -2 литри вода.
6.Престанете со пушење
7.Не конзумирајте постојано лекови без потреба, особено нестероидни и антиинфламаторни лекови
8.Редовно контролирајте ја функцијата на бубрезите.