Синдромот е последица од труење на организмот со бактеријата стафилококус ауреус.
Синдром на токсичен шок е сериозна состојба, која се манифестира кај луѓе што имаат слаб имунолошки систем. Синдромот се јавува неочекувано и е последица од труење на организмот од бактеријата стафилококус ауреус. Овој вид бактерии понекогаш ја создаваат и ја лачат супстанцијата ентеротоксин Ф, која ги оштетува обвивките на клетките и создава здравствени проблеми.
Синдромот се манифестира со главоболка, болка во грлото, висока телесна температура, дијареа, мачнина, повраќање и кожни манифестации во вид на црвени дамки слични на изгореници од сонце. Симптоми на синдромот може да бидат и мошне низок крвен притисок, губење свест, конфузно однесување или акутно воспаление на бубрезите. Синдромот се јавува најчесто кај жени што користат тампони за менструалниот циклус. Токсичен шок се јавува и кај децата и кај мажите што имаат намален имунитет. Тинејџерките и жените до 30. година се позагрозени од овој синдром во однос на постарите жени.
Ако се посомневаме дека ги имаме симптомите на синдромот токсичен шок, веднаш треба да побараме лекарска помош за да се дијагностицира заболувањето и да се преземат соодветни мерки. Понекогаш е потребна и хоспитализација.