Херпес зостер е кожно вирусно заболување изразено со осип во форма на меурчиња/везикули на зацрвенета основа во определен регион на кожата, кое најчесто е пратено со послабо или посилно чувство на болка.
Примарната инфекција со варичела зостер вирусот (ВЗВ) предизвикува акутна, краткотрајна болест позната како варичела или овчи сипаници и обично се јавува кај децата и младите. После примарната инфекција вирусот не се елиминира од телото и останува латентно присутен најчесто во нервните клеточни тела без да предизвикува некакви симптоми.
Години или децении по првичната инфекција како варичела/овча сипаница и во услови на намален имунитет на организмот, вирусот може да се реактивира и да се пробие од нервните клеточни тела по должина на нервите, предизвикувајки херпес зостер. Локацијата може да биде било каде на кожата, најчесто е еднострана, но понекогаш може да се јави и обострано на телото.
Симптомите на заболувањето може да бидат изразени во блага, средно-тешка и многу тешка форма. Кај децата клиничката слика е скоро секогаш во блага форма, додека кај повозрасните, а особено кај постарите лица е значително поманифестна. Чувствителноста на болката исто така варира и од температурните прилики, поизразена е во текот на ноќта и во ладниот период од годината.
Во одредени ситуации кога воспалителниот процес е лоциран на одредени чувствителни органи (око, уво), може да доведе до нивно времено или трајно оштетување.
Осипот обично заздравува спонтано во рок од три до четири недели без да остави видливи последици на кожата. Силно изразениот осип на кожата пратен со хеморагии и некроза, при поминување на болеста често остава несакани лузни.
Терапијата зависи од тежината на клиничката слика. Антивирусниот третман трае седум до десет дена, а најдобро е да се започне во рок од 72 часа од појавата на карактеристичниот осип. Терапијата често се дополнува и со локални антисептици, аналгетици и витамини од Б-групата. При засегнатост на окото или увото, потребно е да се консултира соодветен доктор-специјалист.