Воспалението на грлото е состојба која се карактеризира со болка, гребење и иритација на грлото, кои се влошуваат при актот на голтање. Најчесто се појавува во текот на есенските и зимските месеци. За среќа, во најголем дел од случаите воспалението на грлото не е сериозна закана за здравјето и исчезнува без примање на лекови. Причините за појава на зацрвенето, суво и болно грло може да се најразлични, од вируси и бактерии, до иритација предизвикана од ниска влажност или загадување на воздухот, викање, дишење преку устата поради затнат нос и пушење.
Симптомите и знаците се во зависност од причинителот на воспалението.
Најчесто се појавува:
- Чувство на болка или гребење на грлото
- Болка која се влошува при голтање и зборување
- Отежнато голтање
- Суво грло
- Одбивање на храна (кај деца и новороденчиња)
- Зарипнат и задушен глас
- Болни и отечени вратни и подвилични жлезди
- Отечени и црвени крајници
- Гној на крајниците
Голем број инфекции кои предизвикуваат воспаление на грлото даваат и други пропратни симптоми како треска, кашлање, кивање, назална конгестија, болки низ цело тело, главоболка, гадење и повраќање.
Побарајте помош од вашиот матичен лекар доколку: имате покачена температура над 38 степени, крајниците ви се отечени или црвени, имате бели дамки на грлото или задниот дел на јазикот, имате отечени жлезди на грлото, ви се појавила болка во увото или ако болното грло ве измачува подолго од една седмица.
Како да си помогнете самите на себе?
Одморете го телото, одморете го гласот, правете гаргара со солена вода, пијте многу течности, вдишување на пареа со чај од жалфија, не пушете и избегнувајте ги просториите во кои се пуши, не чистете со силни средства, дишете преку нос, не поминувајте долго време на загаден воздух во град или доколку морате носете маска на отворено.