Липидите или мастите се функционална и структурна компонента на секоја клетка овозможувајќи истовремено извор на енергија. Главните класи на липидите се холестерол и триглицериди.
ХОЛЕСТЕРОЛ
Покачувањето на холестеролот не предизвикува симптoми, но предизвикува оштетување длабоко во нашето тело. Во тек на подолг временски период, високите вредности на холестерoлот доведуваат до градење на плаки во артериите или состојба позната како атеросклероза. Ова доведува до стеснување на луменот на крвниот сад со намалување на протокот на крв што придонесува за срцеви исхемии и васкуларни болести.
За здрави лица, во чие семејство нема срцеви заболувања, нивото на вкупниот холестерол во крвта не би требало да е поголем од 5 mmol/l , при што ХДЛ да е поголем од 1 mmol/l , а ЛДЛ да е помал од 3 mmol/l.
ТРИГЛИЦЕРИДИ
Телото го претвора вишокот на калории, шеќерот и алкохолот во триглицериди, тип на масти присутни во крвта и депонирани во адипозните клетки насекаде низ телото (односно во салото). Луѓето кои се со прекумерна тежина, неактивни, пушачи или конзумираат алкохол во високи количини имаат покачени вредности на Триглицериди во крвта, исто како и оние кои со исхраната внесуваат премногу јагленохидрати. Триглицеридите се движат од 0.9 – 1.8 mmol/L, и доколку се повисоки го ставаат човекот на ризик од развој на метаболен синдром кој преставува склоп на метаболни нарушувања поврзани со срцеви заболувања и диабетес.
Подготовка при одредување липиден статус:
-Биолошкиот материјал е венска крв.
48 часа пред земање на биолошкиот материјал:
· да не се конзумира алкохол;
· да се избегнува зголемена физичка активност;
24 часа пред земање на биолошкиот материјал:
· конзумирајте вообичаена, но не премасна храна;
12 часа пред земање на биолошкиот материјал:
· после 19 часот предходниот ден да не се конзумира храна, алкохол, кафе;
Одредувањето на холестерол не би требало да се врши пред да поминат 8 недели од:
· акутен миокарден инфарк;
· трауми или хируршки операции;
· акутни бактериски или вирусни инфекции.
Храна која што се препорачува:
Пченица, јачмен, рж, двопек, интегрален леб, крекери, гризини…
Месо, замена за месо, риба…
Белка од јајце…
Млеко и млечни производи;
Овошје и зеленчук ;
Јогурт, сладолед, овошен сладолед со мал удел на маснотии и шеќер, кекси, колачи, пити, темно чоколадо, чаеви… .