Гркланот (ларинкс) е орган сместен на средната линија на вратот и служи за дишење, продукција на глас и заштита на дишните органи при голтање. Составен е од три анатомски дела: гласилки, просторот над гласилките и просторот под гласилките.
За карцином на грлото зборува Д-р Миташев, специјалист по оториноларингологија во ПЗУ Д-р Миташев.
Ракот на грлото е трипати почест кај мажите отколку кај жените и главно не се појавува пред педесеттата година од животот. Стапката на петгодишно преживување изнесува од 50 до 90 % кога ракот на грлото (голтникот) е рано откриен, а од 5 до 25%, ако ракот се проширил.
Причини и симптоми
Ларингеален карцином се развива кога нормалните клетки кои го обвиткуваат гркланот се заменуваат со абнормални клетки (дисплазија) кои стануваат малигни и се репродуцираат со што формираат тумори. Развојот на дисплазија е тесно поврзан со животните навики како пушење и прекумерна употреба на алкохол.
Колку повеќе човек пуши, толку поголем е ризикот за развој на ларингеален карцином. Многу невообичаено е кај некој кој не пуши или пие да се развие рак на гркланот, понекогаш и кај луѓето кои вдишуваат азбестни честички, честички т.е. прав од дрво, бои или некои индустриски гасови во тек на подолг временски период може да се развие болеста.
Симптомите на ларингеалниот карцином зависат од локацијата на туморот. Туморите на гласните жици ретко предизвикуваат болка, но затоа предизвикуваат зарипнатост. Секој кој континуирано има зарипнат глас повеќе од две недели или пак има кашлица која не поминува треба да се провери кај лекар.
Туморите во областа над гласните жици – супраглотисот често предизвикуваат повеќе различни, но помалку специфични симптоми. Во нив спаѓаат: постојана болки во грлото, болка при голтање, отежнато голтање или често загушување со храна, лош здив, грутки во вратот, постојана болка во увото (која често се нарекува проектирана болка; извор на болката не е увото), промена во квалитетот на гласот.Туморите кои започнуваат под гласните жици се ретки, но може да предизвикаат бучно или отежнато дишење.
Медицинска процена врши оториноларинголог, зема анамнеза за пациентот, прави орл преглед (индиректна и директна ларингоскопија), детален преглед на главата, вратот за да може да се исклучи порширување на ракот кон другите органи, потоа се прави биопсија и се поставува дефинитивна дијагноза на карцином.
Tретман
Третманот се базира на фазата во која се наоѓа ракот како и неговата локација, и од здравјето на поединецот.
Превенција
Најефикасен метод да се спречи ларингеалниот карцином е да не се пуши.
Други начини да се спречи ларингеалниот карцином се: ограничување на употребата на алкохол, јадење на добро избалансирана храна, барање на третман во случај на подолготрајна појава на пирозис (враќање на желудочните сокови кон грлото) и избегнување на вдишување азбестни честички и хемиски пареи.