За хипотензија зборуваме кога крвниот притисок е помал од 100/60 mmHg, измерен повеќепати во амбулантни услови.
Тоа е честа појава на помлада возраст и подоцна со возраста, како крвните садови ќе ја губат еластичноста вредностите на крвниот притисок постепено се покачуваат. Ваквата состојба укажува на недоволен проток на крв низ виталните органи и може да е знак на одредени сериозни заболувања.
Симптоми: Вртоглавица, несвестица, губиток на свест, деконцентрација, општа слабост, малаксаност, заматен поглед и сл. Овие лица наутро се чувствуваат ненаспани па им требаат дополнителни стимуланси како кафе за будење.
Причини: Многу долго лежење и мирување (пример кај некои тешки хронични болести), бавна срцева работа (брадикардија), брза срцева работа (тахикардија), срцева слабост и др., хормонални заболувања: пад на концентрација на шеќерот во крвта, Адинсова болест (болест на надбубрежните жлезди), хипотиреоидизам (намалена функција на штитната жлезда), невролошки заболувања, анемии, дехидратација (покачена телесна температура или долготрајни проливи), одредени лекови (особено доколку се примаат во комбинација), алергиски реакции, тешки инфекции и др.
Дијагноза: Прво треба да се утврди дали хипотензијата е примарна или секундарна, односно треба да се исклучи болест, состојба или лекови што довеле до секундарна хипотензија. Покрај прегледот, потребни се лабораториски испитувања (гликемија, крвна слика и функција на бубрег). Потоа е потребен и 24-часовен мониторинг на крвниот притисок (АБП-Холтер).
Лекување: тоа е насочено кон олеснување на симптомите и насочување на причината што довела до тоа, не е потребно лекување ако пациентите немаат одредени симптоми што му го менуваат квалитетот на живеење, подобрување на хигиенско-диететските навики и стилот на живеење: внес на сол, доволно течности, кофеин, зголемена телесна активност. Лекови се даваат само во случаи кога овие општи мерки не резултираат со поволен ефект.