Кога зборуваме за проширени вени, првенствено мислиме на вените на нозете. Кај оваа состојба се работи за слабост на ѕидот на вените и поради тоа доаѓа до нивно проширување.
Проширени вени (се нарекуваат уште варикозни вени ) претставуваат виолетови зголемени вени, кои ги гледаме испакнати кај некои луѓе.
Проширените вени претставуваат сериозен проблем и ова се однесува главно на понежниот пол (иако и мажите често страдаат од оваа болест), бидејќи водат до болки, оток на ногата, непријатност, неспособност, а може да се усложнат со тромбоза.
Кај голем дел од луѓето со проширени вени причината е зголемен интравенски притисок на површинските вени (некои луѓе имаат вродена слабост на венските ѕидови).
Бременоста е честа причина за проширени вени – за време на бременост се менува значително нивото на хормоните и тоа води до своевидено “слабеење” на самиот венски ѕид.
Фактори на ризик:
-Исправена положба, прекумерна тежина – дебелината, вродената предиспозиција е еден од најчестите ризични фактори, бременост, жените почесто добиваат проширени вени. Се смета дека хормоналните нивоа влијаат на венските ѕидови – жени кои примаат хормонски препарати, било со цел контрацепција, било по менопаузата, почесто имаат такви проблеми;
Кои се симптомите на проширени вени?
Многу луѓе со проширени вени немаат никакви симптоми, но обично бараат помош од естетски причини. Оние кои имаат симптоми се жалат на:
-Болки или чувство на тежина во едната нога, грчеви, чешање околу една или повеќе вени, оток, слабост во нозете, тапа болка или чувство на притисок кој ја менува големината на вените;
Компликации: крварење, тромбофлебит, развлекување на кожата над проширените вени. Ако некоја од овие компликации на проширени вени настапи, треба свовремено да се побара лекарска помош.
Лекувањето се одвива со неоперативни и оперативни методи. Треба да се избегнува долго стоење и одење, да се носат завои или еластични чорапи кои ги притискаат венските ѕидови и спречуваат застој на крвта. Навечер истите не се носат, а нозете се поткреваат на перница за да се олесни крвотокот, а кожата да се опорави од притисокот. Се употребуваат креми, масти со кои се премачкуваат неколку пати во текот на денот и лекови. Доколку е потребно, се применува хируршко лекување на проширените вени (класична операција, операција со радиобранови или ласер и операција со водена пареа).