Ракот на панкреас претставува 4-та водечка причина за смртност од рак. Туморот на панкреасот се нарекува и „тивка болест“, затоа што симптомите скоро никогаш не се јавуваат во раната фаза од болеста.
Симптомите на болеста зависат, пред се, од локализацијата на туморот и неговата проширеност.
Симптоми:
Болки во горниот дел на стомакот, кои може да се манифестираат и како болки во грбот кои преминуваат накај лопатките, слаб апетит, слабеење, жолтица, депресија, дијабетес, згрутчување на крвта.
Главни ризик фактори се возраст, пушење, исхрана богата со заситени масти и црвено месо а сиромашна со овошје и зеленчук, дебелина (лицата чиј индекс на телесна маса е над 30, имаат поголеми шанси да заболат од рак на панкреас), недостаток на физичка активност или присуство на други болести како дијабетес или цироза на црниот дроб. На најголем ризик се изложени оние со семејна историја на рак на панкреас, карцином на дојка и јајници, полипоза на дебело црево, наследен панкреатит и меланом.
За борба против овој вид на рак, најважна е превенцијата. Превенцијата најмногу се однесува на промена на животниот стил со внесување на здрави навики како откажување од пушење, одржување на телесната тежина, редовно вежбање и физичка активност и здрава исхрана базирана на свежо и сезонско овошје и зеленчук.
Клучот е во раната дијагноза, бидејќи доколку рано се открие, шансите за продолжување на животниот век се поголеми. Во 75 проценти од случаите ракот на панкреас се открива со компјутерска томографија.