Салмонелозата е болест која ја предизвикува бактеријата салмонела.
Салмонелите се бактерии кои се многу раширени во природата. Тие живеат и како паразити во различни животни (риби, змии, инсекти, живина и цицачи). Салмонелите се многу отпорни на надворешни фактори и можат подолго да живеат надвор од својот домаќин. Најчесто заразата со Салмонела се случува со јадење на храна од заразени животни. Особено често во летно време се случуваат мини епидемии на труење. Заразата може да се пренесе и со нечисти раце, од домашни миленичиња, бидејќи тие можат да ги имат бактериите на своите влакна.
Кои се симптомите?
Лицата кои се заразени со салмонела често добиваат главоболка, треска, грчеви во стомакот, дијареа, гадење и повраќање. Симптомите обично се јавуваат од 6 до 72 часа после заразувањето. Симптомите обично траат од 4 до 7 дена, понекогаш многу подолго.
Кој е изложен на опасност?
Секој може да се зарази од салменолоза. Веројатноста болеста да биде сериозна е поголема кај малите деца, старите луѓе и лицата со слаб имун систем.
Како се поставува дијагноза?
За да може да постави дијагноза, вашиот доктор од општа пракса или локалната болница ќе испратат примерок од изметот во лабораторија каде што ќе проверат дали во него има салмонела.
Како се лекува болеста?
Повеќето луѓе оздравуваат со одмор и примање на течности. Некои лица може да треба да одат во болница. Понекогаш, се препорачува примање на антибиотици при сложени случаи.