Срцето е највиталниот орган во човековото тело. Ја тера целата крв низ организмот и претставува добар индикатор за општата здравствена состојба. Поради неправилниот начин на живот, како и поради бројните ризични фактори може да дојде до разни заболувања на срцето, меѓу кои и до срцев удар.
Срцевиот удар може да се случи во секое време, додека работите, одморате или додека се движите. Ниеден срцев удар не е ист. Првите знаци и симптоми се разликуваат кај секој пациент.
Најпознатиот симптом за срцевиот удар, јакиот притисок во градниот кош, ќе ги растревожи повеќето луѓе. Останати симптоми: Потење, проблеми со дишењето, проблеми со желудникот(Мачнина, гадење, нагони за повраќање), непријатност во други делови од телото како болка, стегање во рамењата, грбот, многу почесто во левото рамо, но понекогаш и во десното, потоа во горниот дел од стомакот, во вратот и долната вилица, општа слабост и истоштеност, неправилна срцева работа, крвниот притисок е обично покачен, а поретко тој е низок.
Ако ги препознаете знаците на срцев удар и веднаш побарате медицинска помош, може да си го спасите животот. Особено е битен првиот час од почетокот на симптомите кој се нарекува ЗЛАТЕН ЧАС. Доколку интервенцијата се изведе во првите шест часа, период кој се нарекува време на развој на срцевиот удар, ќе го спасите срцето од поголеми и трајни оштетувања.
ШТО ДА НАПРАВИТЕ АКО ПРЕПОЗНАЕТЕ СРЦЕВ УДАР?
Не давајте течности, повредениот поставете го во полуседната положба со свиткани нозе и раскомотете го, за да може слободно да дише, дајте му таблета Аспирин, следето го пулсот и дишењето, не паничете и охрабрувајте го повредениот.