Горните дишни органи се најбогати со лимфно ткиво, кое учествува во имунитетот. Крајниците служат како филтер од сите агресивни инхалирани честици од надворешната средина. Ако овој филтер е инфицуентен (извадени крајници), инхалираните честици навлегуваат во долните дишни патишта и предизвикуваат воспаление. Најбитна функција на ова лимфно ткиво е локалната имунолошка активност.
Воспаление на крајниците може да има акутен, рецидивен и хроничен карактер.
Децата со зголемен трет крајник не можат да дишат на нос, постојано се со отворена уста, спијат немирно и `рчат додека спијат. Се будат уморни и деконцентрирани и имаат постојано секрет во носот кој не можат да го издуваат. Со тек на време добиваат карактеристичен израз на лицето – facies adenoidea. Кај овие деца се јавуваат и воспаленија на ушите (зголемениот трет крајник ги блокира фарингеалните отвори на Евстахиевите туби, каналчиња преку кои увото е поврзано со гркланот и кои се исклучително важни за правилно функционирање на слушниот апарат). Зголемениот трет крајник може да биде и причина за хронична кашлица кај децата.
Третиот крајник е непарна лимфна жлезда, сместена на преодот од носот во грлото и е исто така дел од имунолошкиот систем со значајна улога во одбраната од инфекции. Бидејќи е сместен во еден релативно ограничен анатомски простор, неговото зголемување доведува до отежнато дишење на нос. Со растот на детето третиот крајник се намалува, а назофаринксот се зголемува, затоа проблемите предизвикани од хипертрофија на третиот крајник се најизразени кај децата од предучилишна и рана училишна возраст.
ДИЈАГНОЗА
Оваа состојба тешко се забележува во почетокот бидејќи не може да се дијагностицира со обичен преглед, при секое сомневање за зголемен трет крајник, детето треба да се упати на дополнителни испитувања кај оториноларинголог. Современата дијагностика подразбира преглед со помош на камера и флексибилен ендоскоп-оптички инструмент со дијаметар од 2 мм кој нежно се воведува во носот на детето. Доколку кај децата се сомневаме дека дошло и до намалување на слухот, се прави аудиометриско испитување на слухот.
ЛЕКУВАЊЕ
Антибиотици одредени со антибиограм, во комбинација со витамини, течности, калорична исхрана и мирување.
Доколку кај детето се јавуваат често респираторни инфекции, во консултација со оториноларинголог се размислува за оперативен зафат.